Зошто е значајно да им дозволите на децата сами да си ја одберат облеката?
БЛОГ

Зошто е значајно да им дозволите на децата сами да си ја одберат облеката?

16.03.2021.

 

 

Откако пред некое време увидов дека комбинациите што јас ги правев за мојата четиригодишна ќерка, очигледно не и се допаѓаат, решив една недела таа самата да одбира што ќе носи во градинка.

Се случи токму она што и го очекував – експлозија од бои и принтови какви што никогаш не помислив дека некого можат да направат среќен, но ете, и мајките грешат.

Сакајќи себеси да си го оправдам она што и го дозволив, иако нејзината среќа беше повеќе од доволна, се обидов да најдам издржани стории на оваа тема, па истите денеска, со цело срце би сакала да ви ги презентирам и вам, за да конечно утрото ви помине во смеа, наместо плачки како резултат на несоодветната комбинација што сте ја одбрале за вашите најмили.

Првата причина која што исплива на површина по читањето на сите тие исклучително интересни и поучни приказни од мајки ширум светот, но и познати експерти, беше дефинитивно независноста што децата би ја стекнале со оваа можност.

Веројатно не постои родител на светот кој не сака своето дете да го види сосема независно и успешно, па така, ова е можеби еден од првите чекори кон градење на личноста и карактерот што само вие можете да го поттикнете во раната возраст.

Она што прво треба да го направите е да им овозможите целосен пристап до нивниот плакар или фиока од каде би можеле да ги вадат парчињата облека, сè со цел да не се повредат и целата постапка да помине безболно.

Со самото тоа што тие ќе одберат што денеска ќе носат, обидете се да ги научите, но и тие сами ќе пробаат, облеката да ја облечат сами со што сте еден чекор напред и имате минута време повеќе за себе во утрата кои секогаш знаат да бидат напорни.

Покрај независноста како една од најважните, ако не и најважната придобивка од сето ова, тука е и креативноста, која да признаеме, овие денови и во овие услови е доста тешко да се постигне.

Со самото тоа што ќе им дадете слобода на децата сами да одберат што ќе носат, ќе ги поттикнете да размислуваат на еден сосема поинаков начин, па така ќе видите микс од бои и принтови што иако никогаш не го замисливте, сепак изгледа навистина добро и интересно.

Подеднакво важно е и тоа што децата ќе знаат дека им верувате, со самото тоа што сте им дозволиле сами да си ја одберат комбинацијата и верувајте, ќе се чувствуваат подобро од кога и да е кога ќе го напуштат прагот на домот.

Секако, веројатно читајќи го текстот си помисливте „Што ако одберат кусо здолниште на минусни температури?“, во тие моменти, вие сте тука да ги потсетите дека слој плус совршено би се вклопил во целата комбинација, или дека дебелите хулахопки со розови ѕвезди се токму она што им треба.

Сосема на крај, покрај исклучително важните придобивки за вашите дечиња што ги споменавме погоре, подеднакво важно е тоа што така ќе ги научите дека изгледот и не е толку важен, туку важно е тоа како ние се чувствуваме во нашето тело и на крај, во она што сме го одбрале да го носиме.

Со самодовербата која им помагате да ја изградат на ваков начин, а верувајте дека ќе биде поголема од што и да е, истовремено им помагате и да се изградат како личности и да тргнат во освојување на светот.

Ако сакате дополнително да ја „зачините“ целата работа, одведете ги со вас на шопинг да го видите сиот колорит што ќе го одберат или уште подобро во ситуацијава, заедно одберете ги парчињата онлајн и забавата нека почне!

 

 

 

Моментално нема коментари

Слични статии

20.
Feb.
2023.
БЛОГ
Ако ви требаше малку инспирација, ве известуваме дека во продавниците на Okaidi и онлајн пристигна новата колекција на брендот, полна неодоливи парчиња за си...
15.
Dec.
2022.
БЛОГ
За радоста да биде уште поголема, тука е нивниот омилен бренд Okaidi кој како и секоја година, повторно нè израдува со најубавите празнични парчиња см...
30.
Aug.
2022.
БЛОГ
Секогаш тука за нови почетоци, омилениот бренд на родителите и децата Okaidi, ја започна својата „Back to School“ кампања во која повторно понуди...