Колку „тежат“ последиците што пандемијата ќе ги донесе по менталното здравје на децата?
БЛОГ

Колку „тежат“ последиците што пандемијата ќе ги донесе по менталното здравје на децата?

19.04.2021.

 

 

Иако во последно време идејата за она што значи психолог речиси и целосно да се промени, сепак, сè уште постојат луѓе кои ја сметаат психологијата за табу тема и сакаат проблемите со менталното здравје да ги решаваат самите.

Ова особено се однесува на родителите, кои опцијата психолог ја оставаат како последна во оние моменти кога ќе забележат било какви промени во однесувањето на нивните деца, иако и во овие случаи се забележува тренд на позитивни промени.

Веќе секој е свесен за огромните последици што пандемијата ќе ги остави зад себе, а дефинитивно една од најважните е и општото ментално здравје, а уште поважно, она на децата. Она што треба да го направиме како родители е да сме во постојана комуникација со децата, да ги набљудуваме сите можни промени во нивното однесување и секојдневно, да разговараме на убави теми со нив.

 

Адолесцентите особено можат да ги манифестираат негативните ефекти на пандемијата, па од големо значење е поминувањето време во разговор со нив и оставањето простор слободно да ги изразат своите чувства и сосема на време, комуникација со психолог ако е тоа потребно.

За тоа колкави ќе бидат последиците од пандемијата по менталното здравје на децата и како истите ќе влијаат на нивниот понатамошен живот, разговаравме со доктор Розалија Секулоска, магистер по развојна психологија и психосоветник, како и основач на Центарот за личен и професионален раст и развој „Трет родител“.

 

 

1.Од досегашната пракса во изминатата година, би можеле ли да се „измерат“ последиците од пандемијата врз менталното здравје на децата?

- Пандемијата КОВИД 19 сите нам ни се случи како гром од ведро небо. Нешто што никој не го очекувал ниту замислувал. Наликува како научно фантастичен филм на кој не му се гледа крајот бидејќи, (според мене) вештачкиот вирус мутира и се продолжува неизвеснота. До сега немаме статистички показатели на кои би се повикале да кажеме што точно и до кој степен ваквото видоизменето функционирање оставило трага врз луѓето и врз децата. Но, здраворазумски стручните лица од мојата област можат со сигурност да кажат дека има негативни последици. Последиците можеби сега сеуште не се толку изразени, бидејќи пандемијата уште трае и сите сме во борбена состојба со неа а, колку подолго трае толку се поголеми и посериозни последиците.

Да почнеме од превентивните мерки кои го заштитуваат биолошкото здравје но, негативно се отсликуваат на менталното. Од сите нас и од децата се бара да оддржуваат дистанца а, со тоа се зголемува забраната за блискост и интимност. Тоа е онаа зона во која има допир без кој човекот не може да преживее доколку е подолго депривиран. Отчукувањата на срето на оние до нас не го слушаме бидејќи, сме оддалечени најмалку три метри. Срцето чука во правилен ритам на земјата а, тоа е фрекфенција за благосостојба.

Социјализацијата, другарувањата се сведени на минимум, под надзор се и со одредени правила кои дополнително внесуваат анксиозност и страв од болест и кај децата и кај нивните родители. Слободно може да се каже дека родителите се меѓу огнови, дали да ги пуштат децата да другаруваат а со тоа да се социјализираат и да учат или да ги стават во стаклено ѕвоно кое го учи детето на беспомошност.

Наставата, курсевите и едукациите се сведуваат онлајн. Од една страна ете комуникацијата создала начин како да опстои но, сепак бара адаптација бидејќи нема физички контакт и невербалните информации течат низ друг канал кој ја отежнува интерпретацијата (толкувањето). Со сигурност тврдам дека ваквата глобална состојба создава нов поредок кој многу ќе се разликува од нашето детство.

 

2.Иако никогаш не треба да ја потцениме креативноста и имагинацијата на децата, им снемува ли начини за дистракција од целата ситуација?

          -Секако дека ресурсите (изворите) за креативност се намалени. Тоа не значи дека се невозможни туку, дека убаво би било да се отвориме со сите сетила и да создадеме нова креативност, нови изуми, патишта и начини на творештва. Сè уште можат да се користат пишаните дела, цртањето, оригами техниките, техниките со глина, глинамол, брашно, пластелин, пишување, свирење, спортување, плетење,...но, повисока интелигенција која е карактеристична за надарените и креативните деца секогаш е гладна за нова дразба. Сега токму таа е ставена на испит како не само да се адаптираме на промените, туку како автентично и со помалку негативен набој да живееме.

Токму затоа би ги посоветувала родителите што помалку да им пласираат негативни вести на децата. Доволни се мерки за превенција. Ако имаат личен страв, да работат на себе, бидејќи децата учат од родителите и многу ирационални (неприкосновани) стравови се научени. Да ги остават децата да имаат свој свет во кој самите ќе ја покажат својата личност и ќе можат да се досадуваат и да го структуираат слободното време.

Ситуацијата е тешка за сите но, не е оправдување да се лишат и нарушат контактите родител-дете. Напротив, сега родителите имаат малку повеќе слободно време во кое ќе можат заедно да создаваат со децата, да зборуваат, воспитуваат и да се гушкаат. Гушкањето секогаш го препорачувам во неограничени количини бидејќи има антистрес ефект и ја засилува социоемоционалната врска со детето која во иднина е важна за градење на здрава релација со другарчињата, со партнерот и со своите деца.

 

3.Кои се првите знаци дека нешто се случува со менталното здравје на детето и како родителите можат да им помогнат во оваа фаза за да се спречи сето она што би можело да дојде понатаму?

- Симптомите можат да бидат различни во зависност од детската возраст и подмолно да се провлекуваат долго време се додека наеднаш не избувнат како вулканска лава. Најчести симптоми без разлика дали зборуваме за пандемијата или некоја траума, децата реагираат на детски начин бидејќи нивниот организам има толкав капацитет. Последиците се манифестираат во промени во сонот (сонот е испрекинат, неквалитетен, полн со кошмари или ноќен тремор), промени во исхраната, промени во поведението во екстремности од една страна страв и изолација, повлекување, а, од друга страна, агресивност и свртеност кон надвор. Промени во говорот (пелтечење), намалување на концентрацијата, промени во мисловниот тек, плачење, тага, безнадежност, па може и прекумерно дезинфицирање, миење на раце, кое го отежнува животот.

 

4.Можно ли е целата ситуација со пандемијата и сè она што таа го носи со себе, да предизвика последици во менталното здравје на децата во иднина?

- Дефинитивно. Оваа ситуација е траума за сите нас па и за најмладите. Тоа значи дека мозокот сега случувањата ги обработува онака како што знае и умее. Во иднина таа информација ќе се потисне. Кај некого подлабоко, кај друг површински и ќе создаде негативни последици во однесувањето, контактите, социјализацијата, грижата за себе и другите. Мислам дека ќе дојдеме до степен да се научиме како пак да се социјализираме и да комуницираме. На оваа Т траума (која е голема) ќе треба да се работи со психотерапевт кој е специјализиран за работа со трауми и сите нус ефекти.

5.Според сите извештаи, семејното насилство значително е зголемено во периодот на пандемијата. Како да им се помогне на децата во овие ситуации, со оглед на тоа што наставата се одвива онлајн и контактите со другарчињата се сведени на минимум, како некој би забележал дека нешто се случува и како побрзо да се излезе од таа ситуација?

- Семејното насилство отсекогаш постоело, но сега е засилено бидејќи партнерите имаат изменето работно време (некои работат од дома), постои полициски час и со тоа целото семество МОРА да биде на куп. Тогаш антагонизмот и фрустрацијата се зголемуваат и онаа нелагодност која постоела сега е засилена. Штета што немаме добар правен систем и општествени структури кои брзо, сооодветно и строго ќе го санкционираат секој вид на насилство. Во насилството сите страни се жртви освен агресорот кој има психолошки проблем за кој не е свесен. Според мене, државните инстанци да гледаат како со лупа, да филтрираат како со инка и да пресудуваат според тежината. Од друга страна се најблиските, наставниците, соседите, роднините кои ако контактираат можат да забележат дека нешто се случува и да го пријават насилството во полиција. Оттаму почнува постапката. Ние психолозите, психотерапевтите имаме алатки како да работиме со жртвите на семејното насилство но, затоа ни е потребен силен систем кој ќе ја заштити жртвата.

 

6.Постои ли начин да им се „олесни“ целата оваа ситуација на децата и што родителите можат да преземат за сето ова што им се случува тие да го разберат полесно?

- Децата интерпретираат на свој начин. Адолесцентите можат когнитивно повеќе да разберат што се случува но, кај нив поривот за дружба и припадност во друштво е голем така што можат да бидат непослушни во однос на почитување на мерките. Доволно е родителите да им укажат, а децата да ги интерналирираат (повнатрешнат) и соџвакаат мерките за превенција и секогаш да ги почитуваат. Внесување на преголем страв, застрашување, казнување, само ќе создаде револт и нејасност. Исто така, помалку бомбардирање со негативни содржини, туку уживање во времето поминато заедно.

7.Последно, колку е значајна психолошката поддршка за време на пандемијата и дали воопшто родителите се обраќаат до професионалци ако забележат промени во однесувањето кај своето дете?

-Отсекогаш постоеле два вида на родители. Оние кои бараат стручна помош и оние кои од најразни причини не бараат, а кога ќе биде доцна завршуваат со адолесцентот на психијатар. Психолошката поддршка и работа на себе во секој животен циклус е добредојдена. Не мора да се има грандиозен проблем за да се побара помош. Но, ако родителите забележат промени во своето или детското ментално здравје топло им порачувам што побрзо да побараат психотерапевт а, не да се кријат проблемите „под килим“.

 

 

Моментално нема коментари

Слични статии

20.
Feb.
2023.
БЛОГ
Ако ви требаше малку инспирација, ве известуваме дека во продавниците на Okaidi и онлајн пристигна новата колекција на брендот, полна неодоливи парчиња за си...
15.
Dec.
2022.
БЛОГ
За радоста да биде уште поголема, тука е нивниот омилен бренд Okaidi кој како и секоја година, повторно нè израдува со најубавите празнични парчиња см...
30.
Aug.
2022.
БЛОГ
Секогаш тука за нови почетоци, омилениот бренд на родителите и децата Okaidi, ја започна својата „Back to School“ кампања во која повторно понуди...